Започнува проектирањето и изградбата на граничниот премин Берово - Струмани

15.09.2022

Откако во јуни беше дадено „зелено“ светло за подготовка на инвестицискиот проект за изградба на новиот граничен премин (ГП) меѓу Берово и Струмјани (Бугарија), на дводневниот состанок на Заедничката експертска комисија во Скопје почна да се работи на вистинско проектирање и изградба на граничниот премин меѓу двете земји.

Беа прецизирани главните технички параметри за спроведување на идниот граничен премин, вклучително локацијата на трасата, преминот со границата, локацијата на новата гранична точка на бугарската страна, начинот на работата на граничниот премин, и тоа: 24 часа, 7 дена во неделата, како и видот на возилата што ќе минуваат преку преминот: патнички возила со вкупна технички дозволена максимална маса до или еднаква на 3,5 тони.

Над 10 милиони евра ќе се инвестираат во изградбата на граничниот премин Берово - Струмјани, што ќе се реализира како стратешки проект во рамките на Приоритет 2 „Поврзан пограничен регион“ од Програмата INTERREG VI-A ИПА Бугарија - Северна Македонија 2021 – 2027.

Проектирањето и изградбата на преминот од бугарска страна е доделено со одлука на Советот на министри на Регионалната управа на Благоевград, кој ќе биде и водечки партнер во идниот стратешки проект. Корисник од Република Северна Македонија е Царинската управа.

Делегациите на двете земји во комисијата се договорија што поскоро да ги завршат сите претстојни задачи што треба да ги преземат двете страни за успешна реализација на идната инвестиција. Протоколот за работа на комисијата, со кој започна процесот на проектирање и изградба на новиот меѓународна патна граничен премин меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, беше потпишан од двајцата копретседатели на Заедничката експертска комисија - г-дин Милен. Обретенов, директор на Дирекцијата „Управување со територијална соработка“, од бугарска страна и од г-дин Јакуп Реџепи, директор на Дирекцијата „Меѓународно право и конзуларни работи“ при Министерството за надворешни работи, од Република Северна Македонија.

Бугарија ќе биде домаќин на следниот работен состанок на Заедничката експертска комисија планиран за крајот на октомври 2022 година, на кој ќе бидат претставени проектните концепти за изградба на граничниот премин Берово - Струмјани (на бугарска територија) и реконструкцијата на постоечкиот објект во Република Северна Македонија, временската рамка за реализација на стратешкиот проект, како и конкретни препораки за идно планирање на одржливи извори на енергија и изградба на новиот граничен премин.

Facebook icon
Twitter icon